Цврсто стоиме со нозете на облаците

Кога пред нас е бура, некои продолжуваат понатаму храбро и со страст, поткрепени од силата на сопствените идеи. Пред себе гледаат визија за свет без експлоатирани и експлоататори, без физички кафези и морал – и таа слобода не ја посакуваат само за себеси туку и за сите други, кои со широко отворени очи и приземност, го сфаќаат секојдневното ропство кое што ги оковува. Тие се анархисти, честопати оцрнувани и затворани; кои сега и овде, посакуваат утопија на живот кој вреди да се живее.

Тоа е опасноста која ги разликува и заради која се прогонувани од Државата и обвинувани за тероризам.  Непокорни, не сакаат да се потчинат себеси и своите умови на потрошувачката на добра или да живеат виртуелна реалност пред компјутерите. Тие се стремат кон комуницирање, пишување и состанување, кон бунт против она што го сметаат за неприфатливо: еколошкото уништување, фабриката на смртта, отуѓувачката работа, затворот.

Изминатите месеци нападите на Државата против анархистите и бунтовниците беа безбројни. Најнеодамнешните се одвиваат под сенка на озлогласениот член 270 (270 bis) „субверзивно здружување со цел подривање на демократскиот поредок“. Член кој овозможува привремено затворање на непожелните од страна на Власта. Член кој беше искористен во три различни акции: операцијата „Ardire“, операцијата „Mangiafuoco“ и неодамнешната операција против другарите од Тренто. Моментално дванаесетмина се уапсени, а уште дузина другари беа испитувани и се под истрага. На ова треба да се придодаде и репресијата врз некои другари од No Tav движењето кои се борат против еколошкото уништување во Вал Суса, како и последните и крајно тешки пресуди за неколкумина другари поврзани со случувањата од Џенова 2001. Обид на Државата да ги десеткува оние кои го разгоруваат востаничкиот оган. Предупредување за сите оние кои сакаат да ја кренат главата. Демонстрација на сила на Власта, која секогаш е во војна и која за непријатели ги смета сите оние кои се спротивставуваат на нејзините планови за експлоатација и акумулација.

Тогаш што останува да се прави? Останува желбата да се уништи постоечкото, толку смртоносно и неправедно. Останува одлучноста на оние кои се борат да ги раскинат оковите на нормалноста која го оковува животот на сите. Остануваат идеите, детонаторот кој треба да се активира против тоталитаризмот на унифицираната мисла. Остануваат борбите, кои треба да се продолжат, секоја со средства сметани за најсоодветни. Останува солидарноста за сите другари и бунтовници.

Сите слободни

Finimondo

Италија: Претреси и истраги за нападите од 2005

По неодамнешните пресуди за Алфредо Коспито и Никола Гаи, Италија го продолжува својот одмазднички поход на Неформалната анархистичка федерација/Меѓународниот револуционерен фронт FAI/IRF

Вторникот на 25 февруари, рано в зори, Обвинителството на Џенова повторно тргна во напад.

Од омразениот печат дознаваме дека во домовите на единаесет другари е извршен претрес и дека наведеното обвинителство против нив води истрага, пред сѐ јавниот обвинител Федерико Маноти (Federico Manotti), под обвинение за напад на касарната на форензичарската единица на карабинерите (R.I.S.) во Парма, 24 октомври 2005 година, каде што, наводно, според зборовите на новинарите во служба на државата, се пронајдени траги од ДНК на торбата во која се наоѓала направата и кои, наводно, му припаѓаат на другарот Алфредо Коспито.

Другарите се под истрага за уште четири напади: два напади на касарните на карабинерите во Џенова 2005, за праќање писма-бомби на поранешниот градоначалник на Болоња, Серџо Коферати (Sergiо Cofferati) и за пожар на едно возило на Црвениот крст.

Обвинителството на Џенова побарало другарите кои се под истрага да бидат и уапсени, но истражниот судија не го потпишал барањето.

Иако истражниот судија одбил да го потпише апсењето, јавниот обвинител, Федерико Маноти, не чекаше да ги фрли имињата на другарите во канџите на националниот печат, со цел да создаде пригодно сценарио за преиспитување.

Омразениот печат ги објавува имињата и изјавите на обвинителството во кои некои другари се нарекуваат „Професор Гениј“ или „Баба Ката“ [прекарите се однесуваат на документ за Неформалната анархистичка федерација од 2006].

Претресите се извршени во регионот на Лигурија, Емилија Ромања, Кампања и Тоскана… се подразбира, со неизбежната соработа на специјалната антитерористичка единица на Карабинерите (R.O.S).

извор: radioazione.org