Речта на Емил Анри

  Flavio Constantini_Emil Henry
“Terminus” Flavio Costantini

За Емил Анри

Емил Анри (Барселона, 25.09.1872 – Париз, 21.05.1894), син на Фортуне Анри Мозел (Fortuné Henry Mausel), француски комунист, осуден на смрт по поразот на Париската комуна. За да ја избегне срмтта, Фортуне пребегнува во Шпанија, а по помилувањето во 1882 г. повторно се враќа во Франција, каде што набрзо умира.

Емил во средното училиште Жан Баптист Сеј (Jean-Baptiste Say) се истакнува како многу надарен ученик, заради што и добива стипендија за продолжување на школувањето во тогашната Политехничка школа. Меѓутоа, уште 1890 г. го напушта школувањето и се приклучува на анархистичкото движење, на неговата најрадикална струја, веројатно и под влијание на постариот брат, Жан-Шарл Анри (Jean-Charles Fortuné Henry), исто така милитантен анархист.

Соработувал со анархистичките списанија La Père Peinard и L’En-Dehors. Под постојан полициски надѕор, првпат е уапсен (заедно со својот брат) во 1892 г. по протестите за солидарност со Равашол. Истата година поставил бомба пред управната зграда на рудникот Кармо (Carmaux), на улицата Бонзонфон (rue des Bons-Enfants), во солидарност со рударите во штрајк. Меѓутоа, експлозивната направа била откриена и однесена во полициска станица, каде што поради невнимателно ракување експлодирала и предизвикала смрт кај петмина.* По оваа експлозија Емил привремено се сели во Лондон, но веќе истата година се враќа во Париз, под лажно име.

На 12 февруари во престижното кафуле Терминус експлодира бомбата на Емил Анри: еден мртов и дваесет повредени.

На 21 мај 1894 г. осуден е на смрт и погубен на гилотина најистакнатиот поборник на „пропагандата преку дела“. Во своите написи ги поврзува реалните класни односи внатре капиталистичко-етатистичкото општество, нагласувајќи дека одговорноста за експлоатирањето не лежи само во капиталистот поединец, туку во целиот збир на експлоататори, односно во постоечките односи помеѓу нив и класата на експлоатирани. Од таквата идеја произлегува заклучокот дека сите се подеднакво виновни и дека затоа треба сите подеднакво да се нападнат, како што и тие ја напаѓаат „масата“ обесправени. А нападот на кафулето Терминус ја погоди „масата“ на буржоазијата.

Македонскиот анархист од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Петар Манџуков (родум од с. Мирковцки, Скопско) во 1898 г. од некојси руски нихилист по име Филатов добива на читање две брошури: Злосторствата на Бога од Себастијан Фор (Sébastien Faure) и Речта на Емил Анри. Паралелно со активностите околу печатењето на весникот Одмазда во Женева, тој успева да ги преведе и двете брошури. Подоцна во текот на истата година ги носи во Македонија каде што, според неговите сведоштва*, му ги дава на Гоце Делчев да ги прочита, по што тој ги отпечатува и објавува. Манџуков овој чин го смета за доказ на симпатиите на Гоце кон анархизмот, кои смета дека се развиле пред сѐ под влијание на Врбан Килифарски, како и анархистите од Женевската група, со кои и минал четири месеци во чета во 1899 г.

И анархистот Михаил Герџиков го споменува ова во своите спомени* (поточно, ја споменува само брошурата Речта на Емил Анри), но изоставувајќи да го спомене Манџуков во тие релации. Според него, Делчев ја издал брошурата со средства на Организацијата [ВМРО], а како издавач се потпишал Атанас Раздолов. Тоа за цел имало да ја рашири идејата за „терор над административните власти“. „Целта беше да се подготват одделни терористички кружоци, кои на своја лична иницијатива, ќе преземаат терористички акции.“

Овие историски податоци говорат за тоа дека поривите на француските пропагандисти на дело и останатите милитантни анархисти од Европа не биле туѓи за нивните современици на Балканот и во Македонија, што најјасно се одразува во познатите атентати на Гемиџиите.

Речта на Емил Анри

Господа поротници,

Ги знаете делата за кои сум обвинет: експлозијата во улицата Бонзонфон која уби пет лица и предизвика смрт и на шесто лице, експлозијата во кафеаната Терминус, која уби едно лице, предизвика смрт кај уште едно лице и повреди уште неколку други, и најпосле, шестте истрели од револвер истрелани од моја страна против оние кои ме гонеа по последниот мој напад.

Досегашните дебати ви покажаа дека се сметам одговорен за овие дела.

Oва што ви го претставувам не е мојата одбрана. На никаков начин не се обидувам да ја избегнам одмаздата на општеството кое го нападнав. Покрај тоа, јас признавам само еден што може да ми суди – самиот јас, а пресудите на другите за мене се безначајни. Јас просто сакам да ви ги објаснам моите постапки и да ви раскажам како бев наведен да ги извршам.

Кратко време сум анархист. Се приклучив на револуционерното движење дури во средината на 1891 година. Сè дотогаш, живеев во кругови целосно задоени со владејачкиот морал. Бев навикнат да ги почитувам, и дури и да ги сакам принципите на татковина и семејство, авторитет и сопственост.

Учителите на денешната генерација често забораваат една работа: животот, со сите борби и порази, со сите неправди и нееднаквости, самиот си зема задача да ги отвори очите на оние кои се слепи за реалноста. Тоа ми се случи и мене, како што и секому се случува. Ми беше кажано дека животот е лесен, дека можностите се отворени за оние кои се интелигентни и енергични, но искуството ми покажа дека единствено циничните и сервилните се способни да си обезбедат добри места на гозбата. Ми беше кажано дека нашите општествени институции се засновани на правда и еднаквост, а околу мене гледав само лаги и измами.

Секој ден разбивав нова илузија. Каде и да одев, ја сведочев истата беда кај едни и истата радост кај други. Не ми требаше долго за да разберам дека големите зборови на кои бев учен да им се поклонувам: чест, посветеност, должност, се само маска која ја затскрива најсрамната нискост.

Повеќе