„24 дена танц со смртта“ – писмо од Никос Романос од болница

reaper

Ќе се обидам на неколку ливчиња да ги обликувам последните остатоци од моите мисли во врска со неодамнешните случувања и повторното одбивање на барањето за излегување од затвор заради образовни причини.

Во првите денови од штрајкот со глад, за време на мојот говор на солидарниот собир одржан на Политехничкиот факултет, реков дека одговорот на Николопулос, кој веќе подолго време тврди дека нема мандат по тоа прашање, е само почеток на државната стратегија за да ме уништат. Таа политичка процена во целост се потврди: најпрвин со налогот на директорката на затворот Коридалос, Евангелија Марсиони, за присилно хранење, кое се состои од вистинско насилство и кое, меѓу другите, ги усмрти Холгер Мејнс во Германија, а и разни членови на GRAPO во Шпанија. Докторите во болницата сепак беа толку достоинствени да го фрлат во ѓубре налогот на затворската управа и одбија да го извршат тоа злосторство на државата. По жалбата на правосудниот совет надвор од затворот (правен чекор кој го бираат бројни затвореници кога затворската управа ќе им го одбие барањето) повторно стигна негативен одговор, бидејќи беа условени од одлуката на Николопулос, истата онаа одлука на која беше вложена жалба.

За оние кои барем малку ја разбираат политиката, интервенцијата на министерот за правда, ден пред рочиштето, беше очигледна наредба за одбивање на моето барање, а ќе објаснам и зошто.

Во изјавата која ја објави Министерството за правда посредно се наведува фактот дека Атанасију, министерот за правда, нема мандат да одлучува во врска со тоа, а подолу во истиот документ стои: „Отпустите од образовни причини ги дозволува исклучиво надлежната затворска управа, на чело со надлежниот службеник на јавното обвинителство, додека за обвинетите е потребна дозвола од правосудниот орган кој го наложил притворот.“

Што значи дека министерот ја поништува, на едноставен и јасен начин, валидноста на мојата жалба. Сето тоа е пропратено со предлог, незаснован, предавањата да се одржуваат по пат на видеоконференција, наместо отпусти во образовни цели, што нема смисла со оглед дека постојат лаборатории кои изискуваат задолжително физичко присуство. Освен тоа, на тој начин се отвора патот за затворските управи во целост да ја укинат поволноста за образование, добро познавајќи го нивниот страв од преземање одговорност, за да може решението со видеоконференции да се применува на сите затвореници.

Накратко, според таа логика, дури и разговорите со нашите семејства би се изведувале преку екран, од безбедносни причини, исто како и нашите судења. Технологијата во служба на „рехабилитација“ и правда. Човечки напредок или фашизација… историјата ќе пресуди.

Овде вреди да се посочи и на документот на специјалниот судија Ефтихис Николопулос, кој од почетокот на мојот штрајк со глад ги спроведува јасните политички наредби на неговите шефови од Министерството за правда, заради што сите го сметаат за одговорен. Како компензација за неговите „услуги“ ќе добие унапредување во Врховниот суд, како што тоа се случи со неговиот претходник, Димитрис Мокас, кој водеше десетици репресивни антианархистички кампањи. Сега се тови со богатата плата на правосудната елита од Врховниот суд. Случајност? Не верувам.

Од моја страна, пак, не постои никаква шанса за повлекување и одговарам со БОРБА СЀ ДО ПОБЕДА ИЛИ СЀ ДО СМРТ.

Во секој случај, ако државата ме усмрти со своето однесување, господинот Атанасију и неговите пријатели ќе бидат запомнети во историјата како банда убијци, кои поттикнувале мачење и убиство на еден политички затвореник. Да се надеваме дека ќе постојат слободни души кои ќе ја исправат правдата на нивната правда, на свој начин.

На крај, сакам да го изразам моето соучесништво и пријателство со сите оние кои застанаа на моја страна, со сите расположливи средства.

И неколку зборови до моите браќа, Јанис, кој исто така се наоѓа во болница, Андреас и Димитрис и многу други.

Борбата подразбира и загуби, бидејќи на патиштата кон достоинствен живот мораме да чекориме рамо до рамо со смртта, ризикувајќи сѐ за да добиеме сѐ. Борбата продолжува, со убоди на нож, непрестајно.

Сѐ за сѐ!

Додека живееме и дишеме, да живее анархијата!

На 6 декември ќе се сретнеме на улиците на бесот.

Моите мисли минуваат низ познати улици.

Затоа што вреди да го живееш сонот, иако гориш во оган.

И како што велиме ние, сила

Никос Романос

П.С.: Јасно е дека не можам да ги контролирам општествените автоматизми кои се појавуваат. Но, сите од Сириза и останатите трговци со надеж кои се појавија, ги избркав БЕЗ РАЗГОВОР, и нагласувам дека службено потпишав дека одбивам да примам каква било инфузија.

извор: radioazione.org