Крај на штрајкот со глад: победа за Никос Романос

 

bigstock-anger-605912-1Вчера анархистичкиот затвореник Никос Романос го прекина штрајкот со глад после 31 ден гладување, откако во грчкиот парламент, по повод случајот со Никос, беше донесен посебен амандман кој ќе им дозволува на затворениците да го напуштаат затворот за да следат настава на факултет ако носат електронска нараквица со систем за следење. Овој амандман парламентот го донесе после цел месец на бунтови, нереди и разни чинови на солидарност со Романос и неговите другари Андреас, Димитрис и Јанис, кои исто така се приклучија на штрајкот.

Затворениците ќе можат да го напуштаат затворот со ГПС нараквицата само откако успешно ќе го завршат првиот семестар преку студирање од далечина, веројатно преку видео прием. Сепак, како што јавуваат мејнстрим медиумите, од оваа одлука се изземени затворениците осудени за предавство, за сексуални злочини, за убиство, за промет со дроги, но и за учество во терористичка организација, што значи дека многу од нашите другари анархисти по грчките затвори, вклучувајќи ги членовите на Заговор на огнените ќелии, нема да имаат пристап до оваа „привилегија“.

Следува кратко писмо кое вчера го испрати Никос од болницата:

„После 31 ден тешка и жилава борба, ставам крај на мојот штрајк со глад, откако извојував значајна победа. Амандманот изгласан во парламентот по повод мојата борба значајно се разликува од првичните изјави на министерот за правда и конечно ги прифаќа моите барања, макар и да треба да носам ’електронска нараквица‘.

Она што е сигурно е дека оваа победа е резултат на политичкиот притисок од страна на оние кои се дел од борбата. Борбените анархисти се несомнено големите морални, политички и практични победници. Полиморфната револуционерна борба, заедно со нас, како политички затвореници, од оваа битка излегува посилна од било кога.

Кревам тупаница и им праќам најтопли прегратки и безгранична љубов на сите другари и другарки кои стоеја рамо до рамо со мене.

СО СИТЕ СРЕДСТВА!

СОЛИДАРНОСТ СО ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

ДА ЖИВЕЕ АНАРХИЈАТА

П.С. Подетален текст ќе следува во наредните денови.

П.П.С. Сакам да им заблагодарам и на докторите од болницата, кои одбија да потпаднат на притисоците и налозите во однос на моето присилно хранење и кои ме поддржаа колку што можеа.“

Никос Романос