Изјавата на Алфредо Коспито на судењето за ранувањето на директорот на Ansaldo Nucleare, Роберто Адинолфи

Инфо:

Ansaldo Nucleare (компанија ќерка на Ansaldo Energia – италијанска електроенергетска компанија) е компанија која се бави со конструирање и изградба на нови нуклеарни централи, нивно одржување и менаџирање на нуклеарниот отпад. Исто така работи и на развој на нови нуклеарни реактори и истражувачки проекти поврзани со нуклеарната фузија

Роберто Адинолфи (Roberto Adinolfi ) е генерален директор на Ansaldo Nucleare и дизајнер на нуклеарни централи и адвокат на лажната и искривена слика за одржливоста на цивилната употреба на нуклеарната енергија.

Алфредо Коспито (Alfredo Cospito) и Никола Гаи (Nicola Gai) беа уапсени на 12 семптември 2012 и беа обвинети за ранувањето на  генералниот директор на Ansaldo Nucleare, Роберто Адинолфи.

Роберто Адинолфи беше ранет на 7 мај 2012 пред неговата куќа, за што одговорноста ја презеде нуклеусот Олга од Неформалната анархистичка федерација – FAI.

Нивниот чин наиде на жестоки реакции и осуди од одредени анархистички кругови, особено оние задоени во духот на таканаречниот „граѓански анархизам“.  Во тоа предничеше Анархистичката федерација (Велика Британија); на што, се разбира, добија и соодветни одговори.

Иако голем број анархисти непосредно по ранувањето зазедоа дистанца во однос на тој настан, сепак  во изминатиот период успеа да се создаде одредена мрежа на солидарност. Може да се каже дека ова на одреден начин е пресвртен момент, со оглед дека Алфредо и Никола лично ја презедоа одговорноста за ранувањето, што одамна не се памети во Италија. А тоа придонесе многу од црвените кучиња што гласно лаеја од долапите да замолчат.

Заговор на еднаквите

 

Следува изјавата на Алфредо Коспито.

Џенова, 30 октомври 2013

Од утробата на Левијатан

 

„…соништата се остваруваат овде и сега, не во некоја замислена иднина, бидејќи иднината секогаш ни ја продавале свештениците на сите религии или идеологи, со цел неказнето да нѐ поткрадуваат. Сакаме сегашност која вреди да се живее, а не која ќе биде жртвувана за месијанското исчекување на некој иден рај на земјата. И токму затоа сакаме конкретно да говориме за анархија која ќе се оствари сега, а не во иднина. ’Сѐ и веднаш‘ е облогот, игра која ја играме и во која влогот е нашиот живот, животот на сите, нашата смрт, смртта на сите…“

 Пјерлеоне Марио Порку

 

„Науката е вечно жртвување на животот – минлив и краткотраен, но стварен – на олтарот на вечните апстракции. Затоа повикувам на бунт на животот против владението на науката.“

 Михаил Бакунин

 

“Царство втелемелено на ништо, во чие кралство владетелот пропаѓа.

Не може да го поднесе товарот на вистината.

Ти препорачувам жестока доза на живот!

Ти препорачувам жестока доза на живот!

На тој начин барем ќе можеш да кажеш дека си го живеел.“

 Конгењо

 “Проклетници… знам кој ве прати!!!“

 

Роберто Адинолфи

Едно прекрасно мајско утро делував и во тие неколку часа целосно уживав во животот. Конечно ги оставив стравот и самооправдувањата зад себе и застанав во пркос пред непознатото. Во Европа исполнета со нуклеарни централи, еден од најодговорните за надоаѓачката нуклеарна катастрофа падна ничкум пред мене. Сакам да бидам кристално јасен: Нуклеусот Olga FAI/FRI [Неформална анархистичка федерација/Меѓународен револуционерен фронт, заб. на прев.] сме само Никола и јас. Никој друг не учествуваше, соработуваше или  го планираше ова дело. Никој не знаеше за нашиот проект. Нема да дозволам моето делување – со намера да се сврти вниманието од вистинската цел – да се фрли во срамотниот, апсурден масмедиумски и правен казан, составен од „рушење на демократскиот поредок“, „субверзивно здружување“, „вооружена борба“, „тероризам“; празни фрази на устите на судиите и новинарите.

Јас сум анархист од антиорганизациски ков, затоа што сум против сите облици на авторитет и организациско ограничување. Јас сум нихилист затоа што мојата анархија ја живеам денес, а не во очекување на револуцијата која, доколку дојде, ќе изроди само нови авторитети, нова технологија, нова цивилизација. Мојата анархија ја живеам природно, со радост, задоволство, без никаков маченички дух, спротивставувајќи се во целост на ова цивилизирано постоење, кое ми е неподносливо. Јас сум антисоцијален, затоа што сум уверен дека општеството постои само како поделба помеѓу оние кои владеат и оние кои се покорени. Не тежнеам кон никаква идна социјалистичка „рајска“ алхемија, не верувам во ниту една општествена класа; мојот бунт без револуција е индивидуален, егзистенцијален, тотален, апсолутен, вооружен. Во мене нема ниту трага од надчовекот, никаков презир кон угнетуваните, „народот“, бидејќу сум уверен дека, како што вели една источна поговорка: „змијата не треба да се мрази затоа што нема рогови; еден ден би можела да се претвори во змеј!“. На ист начин робот може да се претвори во бунтовник; само еден човек, една жена може да стане разорен пожар. Со сета своја сила ги мразам моќниците, без оглед дали се политичари, научници, технократи, водачи на народот, вакви или онакви лидери, бирократи, воени или религиозни поглавари.

Поредокот кој сакам да го срушам е цивилизацијата, која од ден за ден го уништува сето она за што вреди да се живее. Државата, демократијата, општествените класи, идеологиите, религиите, полицијата, војската и самиот ваш суд, се само сенки, химери, запчаници, сите заменливи, од мегамашината која сите ги содржи. Технологијата еден ден ќе може и без нас, претворајќи нѐ сите во изгубени автоматони, во пејзаж на смрт и пустош. Тој 7 мај 2012, на момент фрлив песок меѓу запчаниците на таа мегамашина, за момент живеев во целост, правејќи разлика. Тој ден моето најдобро оружје не беше еден стар Токареф, туку мојата длабока, сурова омраза која ја чувствувам против техно-индустриското општество. Го потпишав делото како FAI/FRI, затоа што се заљубив во таа луцидна „лудост“ која стана конкретна поезија, понекогаш развигор, понекогаш бура, која хаотично дува низ целиот свет; храбра, незамислива, против сите закони, против секоја „здраворазумност“, против секоја идеологија, против секоја политика, против науката и цивилизацијата, против сите авторитети, организации и хиерархии. Визија за конкретна анархија која не предвидува постоење на теоретичари, раководители, лидери, чиновници, војници, херои, маченици, органиграми, милитантни, а најмногу не гледачи. Предолго стоевме и гледавме. Анархија која не преминува во  акција, го отфрла животот претворајќи се во идеологија, обично срање или нешто повеќе, во најдобар случај немоќен испусен вентил за фрустрирани мажи и жени.

Одлучив да прејдам на дела по нуклеарната катастрофа во Фукушима. Соочени со такви големи настани често се чувствуваме импотентни. Примитивниот човек се соочувал со опасности, знаел како да се заштити. Модерниот, цивилизиран човек наспроти конструкциите-констрикциите на технологијата е беспомошен. Како овците кои бараат да ги заштити овчарот кој потоа ќе ги заколе, така и ние цивилизираните им се препуштаме на секуларните свештеници на науката, истите оние кои полека ни го копаат гробот. Го гледавме Адинолфи како подмолно се смешка од телевизиските екрани, изигрувајќи жртва. Го гледавме како држи предавања во училиштата против „тероризам“. Но, се прашувам јас, што е тероризам? Испукан куршум, длабока болка, отворени рани или постојаната закана од бавна смрт која однатре те јаде? Постојаниот, непрекинат ужас дека една од неговите нуклеарни централи одеднаш и ненадејно може да изблуе смрт и пустош врз нас? Компаниите Ansaldo Nucleare и Finmeccanica сносат голема одговорност. Нивните проекти насекаде сеат смрт. Во последно време се зборува за можни инвестиции за проширување на нуклеарната централа Кршко во Словенија, висико ризична сеизмичка зона на чекор до Италија.  Во Црна вода во Романија, од 2000 год. до денес, имаше неколку инциденти, предизвикани од глупоста на Ansaldo при изградбата на централите. Колку уништени животи? Колку пролеана крв? Технократи од Ansaldo и Finmeccanica, со лековерна насмевка и „чиста“ совест: вашиот „напредок“ смрди на леш, смртта која ја сеете низ светот бара освета.  Постојат многу начини на кои можеме конкретно да се спротивставиме на нуклеарната енергија: да се блокираат возовите кои превезуваат нуклеарен отпад, да се саботираат далноводите кои ја пренесуваат електричната енергија произведена од нуклеарните централи. Мене ми падна на ум да ја нападнам најодговорната личност за оваа несреќа во Италија: Роберто Адинолфи, извршниот директор на компанијата Ansaldo Nucleare. Не ни требаше многу да дознаеме каде живее. Доволно беа пет извиднички обиди. Не е потребна воена структура, субверзивно здружување или вооружена банда за напад. Секој вооружен со цврста волја може да го замисли незамисливото и потоа да делува. Сѐ сам ќе направев, но за жал ми требаше помош околу моторот. Го прашав Никола, се повикав на нашето пријателство, а тој не отстапи. Пиштолот го купив на црно, 300 евра. Не се потребни тајни инфраструктури или огромен капитал за човек да се вооружи. Тргнавме со кола од Торино претходната ноќ. Сѐ се одвиваше како подамчкано, или речиси сѐ. Никола возеше. Јас погодив точно онаму каде што одлучивме да гаѓаме. Прецизен погодок. Истрчав до моторот, а потоа неочекуваното. Вресокот на Адинолфи исполнет со бес, реченица која ме стаписа, губејќи скапоцени мигови: „копилиња… знам кој ве прати!!!“. Во тој момент бев апсолутно сигурен дека ја погодив целта, бев потполно свесен во какви гомна ги ставив рацете; милионски интереси, меѓународни финансии, политика и моќ, кал и ѓубре. Тие „украдени“ мигови му овозможија на Адинолфи да ја прочита регистрацијата, која од неискуство не ја прекрив. Благодарение на тие броеви го открија моторот, а по моторот камерата.

Пресудата на овој суд нема да нѐ претвори во злобни терористи, како што нема ниту Адинолфи и Finmeccanica да ги претвори во добродетели на човештвото. Дојде мигот за големото одбивање, одбивање кое се состои од мноштво отпори, од кои секој е посебен случај; некои се можни, потребни, неизвесни; други се спонтани, диви, осамени, ускладени, продорни или насилни. Нашиот беше осамен и насилен. Дали вредеше? Да! Можеби само заради радоста која ја почувствувавме кога дознавме за пркосната насмевка која Олга Икономиду, храбрата сестра од Заговор на огнените ќелии, им ја плеснала во лице на своите стражари во самицата на грчкиот затвор кога ја слушнала веста за нашата акција. Среќен сум што сум она што сум, слободен човек; иако „моментално“ во окови. Не можам премногу да се жалам, бидејќи повеќето луѓе имаат окови всадени длабоко во мозокот. Во мојот живот секогаш настојував да го правам она што го сметам за соодветно, а не за исплатливо. Златната средина никогаш не ми делуваше уверливо. Многу сакав. Многу мразев. И токму затоа нема да им се предадам на вашите решетки, униформи, оружје. Секогаш ќе бидам незауздан, горд непријател. Не сум сам. Анархистите никогаш не се сами. Понекогаш се осамени, но никогаш не се сами. Илјадници проекти во нашите глави, сѐ повитална надеж во нашите срца, силна и сѐ повеќе заедничка;  конкретна перспектива која „ризикува“ да го измени лицето на анархијата во светот. Мали, големи одрони кои еден ден ќе предизвикаат катаклизма. Ќе треба време, но сеедно, засега уживам во потресот кој во мене го предизвика таа желба за радост и борба.

Ќе завршам со еден цитат на Мартин (Марко Камениш), непокорениот воин, осуден на повеќе од дваесет години затвор заради неговата длабока љубов кон животот, денес затворен во стерилен швајцарски затвор. Ги присвојувам неговите зборови:

 „…храброста да се промислат нештата, да се разбијат технолошките стеги на „невозможното“ и „незамисливото“, храброста да се мисли и следствено на тоа, да се делува на поинаков начин. Само тоа може да нѐ извлече од рамнодушната, отровна повраќаница на модерноста и одведе на место каде што никој и ништо нема да нѐ води, на место без обезбедување, место каде што одговорноста е во прво лице, каде што ќе уживаме во непокорноста со сите свои последици. Слободата е тешка и опасна, и не постои живот без смрт. А од страв дека ќе ги изгубиме животите, често се препуштаме на ропство и уништување.“

Смрт на цивилизацијата

Смрт на технолошкото општество

Да живее Заговорот на огнените ќелии

Да живее FAI/FRI

 

Да живее црната интернационала!

Да живее анархијата!

 

Алфредо Коспито

извор: radioazione.noblogs.org actforfree.nostate.net contrainfo.espiv.net