„За проектуалноста“ – Волфи Ландстрајкер

„Анархизмот… е начин на сфаќање на животот, а животот… не е нешто дефинитивно: тој е влог кој мораме да го играме ден за ден. Кога наутро ќе се разбудиме и ќе стапнеме наземи, мораме да имаме добра причина да станеме. Ако немаме, не менува ништо дали сме анархисти или не… А за да имаме добра причина, мораме да знаеме што сакаме да направиме…“ – Алфредо М. Бонано

Можеби еден од најтешките концепти кои сум се обидел да ги изразам во Willful Disobedience е оној на анархистичката проектуалност. Тешкотијата при изразувањето на овој концепт не потекнува само од фактот дека светот е необичен. Многу позначаен е фактот дека самиот концепт се наоѓа во тотална спротивставеност со начинот на кој општествениот поредок нѐ тренира да постоиме.

Во ова општество, нѐ учат на животот да гледаме како на нешто што ни се случува, нешто што постои надвор од нас, нешто во што сме фрлени. Меѓутоа, не ни е кажано дека тоа е резултат на еден процес на лишување, па оттаму ова отуѓување ни делува природно, како да е неизбежна последица на тоа да се биде жив. Кога животот се согледува на овој начин, големото мнозинство луѓе едноставно се справуваат со околностите како што тие се јавуваат, најчесто едноставно прифаќајќи ја својата судбина, повремено протестирајќи за одредени нешта, но точно на онакви начини кои ги дозволува прифаќањето на однапред детерминираното, отуѓено постоење. Некои луѓе заземаат поенергичен пристап кон ова отуѓено постоење. Наместо само да се справуваат со околностите како што тие се јавуваат, тие настојуваат да го реформираат отуѓеното постоење според програмски нацрти, создавајќи шаблони за модифицирано постоење, но кое и понатаму е однапред детерминирано и на кое поединците треба да се прилагодат.

Примери од обете тенденции можат да се најдат во рамки на анархистичкото движење. Првата тенденција може да се воочи кај оние анархисти кои револуцијата ја согледуваат како настан кој се надеваат дека на крај ќе се случи кога масата ќе се крене, и кои во меѓувреме се соочуваат со своите животи со еден вид прагматичен, непосреден пристап. Принципиелната анархистичка практика се смета за „невозможна“ и се жртвува за сметка на подобрувањето на непосредните услови „преку сите неопходни средства“ – вклучувајќи судски спорови, петиции до властите, поттикнување легислативи и така натаму. Втората тенденција се манифестира во програмските перспективи, како платформизот, либертаријанскиот муниципализам и анархосиндикализамот. Овие перспективи водат кон редуцирање на револуцијата на прашање за тоа како да бидат менаџирани економските, политичките и општествените институции кои ги контролираат нашите животи. Рефлектирајќи ги методите со кои луѓето се соочуваат со отуѓеното постоење, ниту еден од овие методи не го предизвикува таквото постоење.

Анархистичката проектуалност започнува со одлуката одново да се присвои животот, овде и сега. Оттаму, таа веднаш и насилно го разоткрива и предизвикува процесот на лишување кој ова општество го наметнува, и се стреми да ги уништи сите институции на доминација и експлоатација. Оваа одлука не се заснова на тоа дали ова повторно присвојување набрзо може да се оствари или не, туку на фактот дека го препознава како првиот и апсолутно нужен чекор за отворање можности за целосна трансформација на постоењето. Оттаму, кога зборувам за анархистичка проектуалност, зборувам за начин на соочување со животот и борба во која активното одбивање на отуѓеното постоење и повторното присвојување на животот не се некои идни цели, туку се моменталниот метод на делување во светот.

Анархистичката проектуалност не може да постои како програма. Програмите се засноваат на идејата за општествениот живот како нешто одвоено од поединците кои го создаваат. Тие дефинираат каков треба да биде животот и настојуваат поединците да ги вметнат во таа дефиниција. Од таа причина, програмите имаат мал капацитет да се справат со реалноста на секојдневниот живот и се стремат да се соочат со околностите на живеење во ритуализиран и формализиран манир. Наместо тоа, анархистичката проектуалност постои како свесно живеена тензија кон слобода, како непрекината секојдневна борба за откривање и создавање начини за детерминирање на сопственото постоење заедно со другите во некомпромитирачка спротивставеност на сета доминација и експлоатација.

Анархистичката проектуалност се судира со непосредните околности на отуѓеното секојдневно постоење, но го одбива посредниот прагматизам изразен преку „со сите можни средства“, наместо тоа создавајќи средства кои веќе во самите себе ја содржат целта. За да појаснам на што мислам, ќе дадам еден хипотетички пример. Да го земеме проблемот со полицијата. Знаеме дека полицијата упаѓа во животите на сите угнетени. Тоа не е проблем кој може да се игнорира. А се разбира, како анархисти, посакуваме полицискиот систем да биде уништен во својот тоталитет. Програмскиот пристап кон ова би се стремел да започне од идејата дека мораме да ги одредиме основните корисни задачи кои полицијата наводно ги извршува (контрола или задушување на „антосоцијалното“ однесување, на пример). Потоа мораме да се обидеме да создадеме самоуправувачки методи за извршување на овие задачи без полиција, правејќи ја непотребна. Прагматичниот, посредувачки пристап, пак, едноставно би ги испитал сите испади и сета свирепост на полицијата во обид да изнајде начини тие да се поправат – преку тужби, преку формирање граѓански одбори за ревизија на работата на полицијата, преку предлози за построга законска контрола на полицијата итн. Меѓутоа, ниту една од овие методологии не ја доведува во прашање полицијата како таква. Програмската методологија едноставно повикува полициската работа да стане активност на општеството како целина, спроведувана на самоуправувачки начин, наместо таа да биде задача на специјализирана група. Прагматичниот, посреден пристап, всушност се сведува на тоа да се создаде полиција на полицијата, а со тоа и да се зголеми нивото на полициска контрола на општеството. Приодот на анархистичката проектуалност би започнал со апсолутното отфрлање на полициската работа како таква. Проблемот со полицискиот систем не е дека тој е систем одвоен од остатокот на општеството, ниту пак дека е подложен на испади и свирепост (не занемарувајќи го нивното значење). Проблемот со полицискиот систем е инхерентен на она што тој е: систем за контрола или задушување на „антисоцијалното“ однесување, односно за конформирање на поединецот на потребите на општеството. Оттаму, прашањето кое се поставува е како да се уништи полицискиот систем во неговиот тоталитет. Тоа е почетната точка за развивање специфично делување против полициската активност. Мора да се направат јасни поврзувања помеѓу секоја гранка од системот на општествена контрола. Мораме да ги поврземе затворските борби и борбите на угнетените онаму каде што живеат (вклучувајќи ја и нужноста од илегалност како начин да се преживее со одредено достоинство во овој свет). Мораме да ја разјасниме поврзаноста помеѓу полицискиот систем, правниот систем, затворскиот систем, воената машина – со други зборови, помеѓу секој аспект на системот за контрола преку кој се одржува моќта на капиталот и државата. Тоа не значи дека секоја акција и изјава би требало експлицитно да изразува целосна критика, туку повеќе дека таа критика ќе биде имплицитна на методологијата која се користи. Оттаму, нашата методологија ќе биде методологија на директна акција и напад. Алатките на полициската контрола насекаде нѐ опкружуваат. Не е тешко да се најдат мети. Земете го, на пример, распространувањето на видео камери низ општествениот простор…

Но, ова едноставно е пример за да се разјаснат нештата. Всушност, анархистичката проектуалност е „на нож“ со постоечкото, како што тоа толку прекрасно го изрази еден другар – начин на соочување со животот. Но бидејќи човечкиот живот е живот со други, повторното преземање на животот овде и сега мора да значи и повторно преземање на нашиот живот заедно. Значи развивање односи на афинитет, пронаоѓање соучесници за изведување на нашите проекти според наши услови. А бидејќи поентата на проектуалноста е да се ослободиме овде и сега од пасивноста која општеството ни ја наметнува, не можеме само да чекаме шанса да ги изнесеме овие луѓе на нашиот пат. Оваа поента е особено значајна во денешно време, кога јавниот простор станува сѐ понадгледуван, приватизиран или ставен под државна контрола, каде што случајните средби кои имаат некакво значење се сѐ помалку можни. Желбата да најдам соучесници е она што ме поттикнува да го објавувам Willful Disobedience. Но потребни се и други проекти. Земањето назад на просторот – на една вечер или на поредовна основа – за средби и дискусии, создавањето ситуации каде што може да се открие и развие вистинско познавање едни со други, се од клучно значење. И тоа не може да биде ограничено на оние кои се нарекуваат анархисти. Нашите соучесници можат да се најдат секаде помеѓу угнетените, онаму каде што има луѓе на кои им е преку глава од нивниот живот, кои повеќе немаат вера во постојниот општествен поредок. Од таа причина, откривањето начини за апропријација на јавниот простор, за интеракција лице в лице, е клучно за развојот на практика на проектуалност. Но во овој случај, клучна цел на дискусијата не е да најде „заеднички терен“ помеѓу сите засегнати. Таа повеќе е насочена кон откривање специфични афинитети. Оттаму, дискусијата мора да биде искрена, јасен израз на индивидуалните проекти и цели, на индивидуалните соништа и желби.

Накратко, анархистичката проектуалност е практичното препознавање во животот на поединецот дека анархијата не е само цел во далечната иднина, идеал кој се надеваме да го искусиме во некоја далечна утопија. Посуштински, тоа е начин на соочување со животот и борба, начин кој нѐ доведува во опозиција со светот каков што е. Тоа е зграпчување на нашите сопствени животи како оружје и како влог кој треба да го одиграме наспроти постоењето кое ни е наметнато. Кога интензитетот на нашата страст за слобода и желбата нашите животи да ги направиме наши нѐ поттурнува да живееме на поинаков начин, сите средства и методи кои овој свет ги нуди престануваат да бидат привлечни, бидејќи сѐ што можат да направат е да ја прилагодат машината која ги контролира нашите животи. Кога ќе се одлучиме на изборот да престанеме да бидеме запчаник, кога ќе го направиме изборот да ја уништиме машината наместо да продолжиме да ја прилагодуваме, завршува пасивноста и започнува проектуалноста.

извор: Анархистичка библиотека