Заговор на еднаквите: За штрајкот со глад на Заговор на Огнените ќелии во Грција

1. За штрајкот со глад на ЗОЌ

Денес е 29-тиот ден од штрајкот со глад до смрт на членовите на Заговор на Огнените ќелии, кои штрајкуваат со барање итно да се ослободат од притвор мајката на Герасимос и Христос Цакалос и сопругата на првиот, кои беа уапсени заедно со Ангелики Спиропуло (која беше во бегство поради гонење во врска со неуспешното бегство од затвор на членовите на ЗОЌ), која исто така штрајкува со глад од 02.03. Мајката на браќата и девојката на Герасимос се товарат за наводно учество во терористичка организација, во еден одмазднички обид против непокајничкиот став на другарите од ЗОЌ, сакајќи да ги скршат така што ќе посегнат по нивните семејства.

Здравјето на другарите од ЗОЌ, по 29 денови глад, е крајно влошено. Сите штрајкувачи, со исклучок на Христос Цакалос, Јоргос Николопулос и Ангелики Спиропуло, се одведени во различни болници надвор од затворот поради влошеност на нивната состојба. Во особено критична состојба е Панајотис Аргиру, кој преживеа таканаречена метаболична ацидоза, поради што е во сериозна опасност од престанок на срцевата функција. Иако се под лекарски надзор, другарите одбиваат да примат какви било серуми или инфузии, а лекарите, и покрај експлицитните наводи кои ги добиваат од органите на прогонот за тоа да прибегнат кон присилно хранење, засега го почитуваат изборот на штрајкувачите.

Иако секој нов изминат ден е уште еден ден на крајна опасност по нивните животи, но и на ужасна агонија, се чини дека тоа не ја вознемирува многу „хуманата“ левичарска влада на Сириза, која држејќи ги сите карти во раце, упорно одбива да им ги исполни барањата. Ако некој од нив го изгуби животот – перспектива која во овој момент е морничаво блиска – Сириза ќе биде првата влада во Европа која дозволила затвореник да умре од глад во последните 40 години. И без тоа ловот на пријателите и семејството на анархисти осуденици, кое Сириза го отвори едвај штом се дочепи до власт, не било до овој степен отворено и одмаздничко ниту за времето на владеењето на хунтата во Грција. Тоа прави цревата уште повеќе да ни се креваат од восхитот кој истите авторитарни левичарски политичарчиња во Македонија го чувствуваат кон „правдината“ на Ципрас и неговите следбеници, а уште погорчливи ги прави надежите на некои припадници на антиавторитарното движење во Грција за тоа дека пеколната положба на затворениците во Грција некако ќе се подобри ако на власт дојде „крајната левица“.

Другарите од Заговор на Огнените ќелии нека ги крепи сознанието дека евентуалната смрт на било кој од нив нема да помине без огнена одмазда за нивните убијци, кои седат во фотелјите во храмовите на Моќта – парламентот, судот, обвинителството и затворската управа.

СИЛА ЗА ДРУГАРИТЕ И ДРУГАРКИТЕ ОД ЗОЌ

 

2. Коментар на Заговор на еднаквите во врска со штрајкот со глад

Сметаме дека во овој момент е нужно барем накратко да обрнеме внимание на некои прашања кои што се наметнуваат во контекст на штрајкот со глад на ЗОЌ и кои пред сѐ изникнуваат од нивната поддршка на барањата на „Мрежата на борбени затвореници“ (DAK) од која дел се и повеќе анархисти.

И покрај тоа што постои историска практика анархисти затвореници да протестираат со разни средства поради барања кои се несуштински, но кои непосредно ќе им го олеснат престојот во затвор и малку ќе им ги олабават оковите на кои се осудени, јасна е и контрадикторноста на тоа анархисти, кои се залагаат за целосно уништување на поредокот каков што е, да бараат укинување на конкретни закони, односно да се обидуваат да воведат институционални промени со цел подобрување на својата положба. Токму тоа го прави „Мрежата на борбени затвореници“ (DAK) во Грција, а нивните барања ги поддржаа и Заговор на Огнените ќелии. Поради тоа, очекувано е да се јават негодувања и критики во врска со овие барања и обид да се отвори расправија за прашањето на реформистички барања од страна на анархисти. Тоа се обиде да го направи италијанскиот контраинформациски портал Radioazione (In Orwellian way... *** Più chiari di così non si può… *** Размисли за анархијата), покренувајќи прашања од типот: дали тоа што бараме укинување на одредени закони (или дури само нивни членови) значи дека не бараме укинување на СИТЕ закони и на поредокот како таков, односно дали тоа значи дека некои закони се добри и треба да ги прифатиме, за разлика од некои други?

Факт е дека некои закони особено жестоко го отежнуваат животот на затворениците, меѓутоа нивната положба е резултат на целокупниот политичко-технолошко-економски комплекс и односите внатре него, кои создаваат затвореници, владејачи, владејани, експлоататори, експлоатирани, џелати и заложници. Овие и други прашања, за жал, не наидоа на одзив во виртуелниот свет на контраинформациите, освен во хрватската верзија на Radioazione (De Profundis Clamavi), каде меѓу другото беше изјавено (Izjava o zahtjevima za ukidanjem zakona) дека нема да објавуваат изјави и текстови кои се повикуваат на укинување на закони „затоа што како што Анархијата не бара укинување на работата, туку трага по нејзино уништување, така не бара ниту укинување на закони, туку нивно уништување и уништување на сите структури и поединци кои ги спроведуваат“.

Ние, од своја страна, иако не ги пренесуваме активно случувањата во врска со таа конкретна борба, не сакаме ниту комплетно да ги игнорираме, туку наместо тоа, бидејќи и самите ги согледуваме контрадикторностите на барањата за укинување закони, но уште повеќе, бидејќи се сложуваме со критиката за тоа дека контраинформациските портали се претвараат во новински агенции (плашејќи се да отвараат прашања за да не се замерат со овие или оние, само молкум и без став пренесуваат вести и писма), повеќе би сакале да придонесеме кон отворање дискусија за некои очигледно спорни прашања меѓу анархистите, вклучително и ова за барањата на штрајкувачите од „Мрежата на борбени затвореници“.

Оваа забелешка нека биде обид за отворање на тој простор на нашиот портал, бидејќи погорната критика си ја упатуваме и самите себеси. Наскоро ќе се надоврземе со продлабочувања на овие површно зачнати прашања, но и на некои други, со надеж дека така ќе се развие критика и отвори простор за размена на идеи и мислења на контраинформациските анархистички портали, а не само за просто пренесување информации, како што е кај најголем број од нив случајот.

Заговор на еднаквите

30.03.2015