Заговор на Oгнените ќелии го прекина штрајкот со глад

Вчера, 04.04.2015, неколку дена по одобрувањето за отпуст од притвор на мајката на Герасимос и Христос Цакалос, членовите на Заговор на огнените ќелии објавија дека го прекинуваат штрајкот со глад после 32 дена, и покрај тоа што Еви, девојката на Герасимос, се уште е во притвор. Нејзината ситуација не е многу јасна, освен што во своето последно писмо ЗОЌ најавуваат дека „наскоро ќе излезе од затвор, повторно слободна“. Пред да го објават крајот на, според нив, победоносниот штрајк со глад, Еви објави јавно писмо во кое бара од членовите на ЗОЌ да го прекинат штрајкот и од мајката на браќата Цакалос да го прифати своето ослободување.

Осуммина од другарите завршија во болница во текот на 32-дневниот штрајк, некои од нив повеќекратно допирајќи ја границата со смртта: Михалис беше одведен на интензивна нега поради непосредна опасност од откажување на срцето, Олга падна до 40 килограми, Панајотис го започна штрајкот со веќе нарушено здравје поради операција на главата, а сите изгубија меѓу 15 и 20% од телесната тежина.

Во писмото ЗОЌ потсетуваат и дека борбата се уште не е завршена, алудирајќи на штрајкот на „Мрежата на борбени затвореници“ и изјавија поддршка за нивните барања за укинување на одредени закони, како и за Никос Мациотис, член на „Револуционерна борба“.