Заговор на еднаквите: За неприфатливиот молк и стравот од критика…

Никогаш немавме намера од нашиот блог да направиме новинска агенција, ниту да го ограничиме само на објавување вести и преведување изјави, затоа што не сме ниту новинари ниту преведувачи, туку анархисти. Нашата работа на оваа контраинформациска платформа се должи на афинитет со борбата, што нè прави соучесници во анархистичката борба, а не набљудувачи или репортери на спектаклот. Затоа не можеме да се задоволиме со просто преведување и со веење знамиња на поддршка за делата на нашите другари, бидејќи, поради тоа што сме дел од борбата и поради тоа што сме анархисти, чувствуваме потреба критички да го преиспитаме она што се случува во моменталната борба, каде движи таа и каде стоиме ние во сето тоа (како и критички да ги преиспитаме акциите преземени од нашите другари) и на тој начин да ја збогатиме анархистичката борба со размена на идеи, за да ја избегнеме моменталната ригидност и молкот на анархистичкиот контраинформациски простор.

Последниот период беше прилично интензивен за борбата во Грција, но бројните превирања покренаа многу прашања. За жал, можевме да видиме многу скромна дискусија за овие прашања на контраинформацискиот простор, а секаков критички осврт кон настаните во Грција како да беше „забранет“ или игнориран, како од повеќето контраинфо портали, така и од самите учесници во тие превирања. Однесување кое е крајно неочекувано во рамки на анархистичките тензии и кое само по себе треба да биде предмет на посебна критика.

Јасно е дека мора да има поддршка и солидарност со секоја борба која ја водат нашите другари во странство. (Потенцираме дека рековме другари, што значи не мислиме на поддршка за кој било поединец или група кои се декларираат како анархисти, а уште помалку комунисти и останати левичарски ѓубриња. Ние чувствуваме афинитет со индивидуалистичката и нихилистичката тензија на анархизмот, па така и нашата солидарност е упатена кон анархистите од пракса кои припаѓаат на таа тензија. Многу од контраинфо порталите одбираат да „покриваат“ акции и изјави од најразлични групи – од борци за автономијата на курдскиот народ, преку комунистички групи и марксистички урбани герилци, па сè до нихилистички јадра и FAI/IRF ќелии. Не можеме да разбереме како сите тие различни тензии, меѓу кои голем дел се непријателски едни спрема други, може да најдат заеднички простор на истите анархистички контраинформациски портали. Секако, и ова е цел еден посебен проблем за кој треба да се дискутира.) Се сложуваме и со забелешката на некои другари дека во одредени чувствителни моменти, како на пример во текот на долг и ризичен штрајк со глад, треба да одбереме повнимателен дискурс и да ја имаме на ум ранливата положба на другарите кои штрајкуваат со глад, но тоа не значи дека треба да молчиме кога гледаме како се напуштаат некои од основните премиси на анархијата. Не се сложуваме, од друга страна, со истите тие другари кога велат дека треба да се земе предвид моментот и дека секоја дискусија треба да се води дури откако ќе заврши штрајкот со глад. Кој може да одлучи кога е вистинско време за критичка дискусија, особено кога некои од нас дефинитивно чувствуваат дека за тоа нешто треба да се зборува овде и сега? Солидарноста и поддршката за борбата мора да бидат придружени со критичко преиспитување, затоа што тоа се два неразделни аспекти на анархистичката борба. Се бориме против конформизмот на мислата – не смееме да дозволиме негово репродуцирање во нашите кругови.

***

„За нас, чувството на афинитет е првенствено во нашата борба. Не се сметаме себеси за „политички затвореници“ и не ги напаѓаме институциите на Моќта за да го подобриме општеството.“

– Амели Пелетие и Фалон Пуасон

Веќе објавивме краток коментар за контрадикторноста што ја гледаме во тоа анархистички нихилистички урбани герилци да поддржуваат кауза која бара укинување на одредени закони. Овде би сакале да ги продлабочиме таквите размисли, бидејќи некои од тие анархисти се наши другари, со кои делиме и афинитет и пријателство, поради што се чувствуваме повикани да ги поставиме овие неизбежни прашања, како што очекуваме од нив да нè удостојат со нивните сопствени размислувања.

Не се осмелуваме да ги судиме од удобноста на нашата положба изборите кои еден затвореник мора да ги направи за да го преживее пеколот на заточеништвото. Разбираме дека одредени закони го прават животот на затвореникот понеподнослив отколку некои други и дека честопати затвореникот ќе се почувствува приморан да направи некои избори кои не би ги направил од другата страна на ѕидот, како на пример, да го предаде својот живот во рацете на Моќта и да чека нејзина милост и признание. Секој затворенички глас на бунт и отпор е за почит, бидејќи и најмалата победа ги прави оковите на неговиот врат малку полесни и му го зајакнува достоинството, кое Моќта се обидува да му го одземе.

Но, овде не зборуваме за изборите на затвореници. Зборуваме за изборите на затворени нихилистички урбани герилски воини, чии акции и зборови инспирираа бројни напади врз Моќта низ целиот свет, кои не правеа компромис со никого и не прифаќаа ничија милостина, кои останаа неприпитомени дури и под камшиците на нивните затворски чувари и кои до ден денес инспирираат многу другари. Зборуваме за нивната позиција во однос не на било кој затворенички штрајк со глад, туку на штрајк со глад организиран од политичко тело на иницијатива на членови на комунистички и анархистички организации со јасни политички мотиви (видливи дури и во самиот избор да се отпочне штрајкот веднаш по изборот на левичарска влада).

Имаме целосно разбирање за личната затворска борба, каков што беше штрајкот со глад на ЗОЌ за ослободување на нивните роднини или штрајкот со глад на Мандилас за негово ослободување од притвор, при што двете ги поддржавме. Тие борби јасно беа од лична природа и ниту во еден аспект не се претставуваа како анархистички борби. Проблемот кој го гледаме во тоа што некои другари поддржа штрајк со глад за укинување на закони е тоа што таа борба беше претставена како анархистичка борба, како борба која го поплочува патот за ослободено општество, како средство за борба за слобода. Нема потреба да се објаснува – или барем така се надеваме – каде лежи контрадикторноста кога анархисти кои се борат за тотално уништување на постоечкото, го користат единственото оружје кои им останало откако државата ги зела во заложништво – нивните тела и нивните животи, за реформистичка политичка кауза, на тој начин можеби дозволувајќи да бидат вовлечени во политичка игра скована од левичарски групи и поединци. Контрадикторноста ја гледаме во тоа револуционери кои усвојуваат – свесно или не – марксистичка реторика, како и комунистички герилци, да се нарекуваат другари во изјави објавени од страна на Заговор на Огнените ќелии и од ќелии на FAI. Контрадикторноста ја гледаме во тоа барањата објавени од тие исти „другари“ да бидат ставени во анархистички контекст, без никакво критичко преиспитување. Контрадикторноста ја гледаме во тоа нихилистички урбани герилци да се борат рамо до рамо со марксисти и други непријатели на анархијата и на индивидуалната слобода, за кауза која бара од Државата укинување на репресивни закони (како да постојат некои поинакви). Поддржување на обид да се воведе институционална промена. Очекувано е од левичарски револуционери да одбираат такви средства во својата борба. Но како може еден анархист, кој ја негира државата и нејзиниот апарат и кој живее за да ги види уништени, да се најде во поддршка на таква кауза? И со која цел?

Не успеавме да ги разбереме мотивите од кои нашите другари се воделе кога одлучиле да го поддржат штрајкот со глад за укинување на закони. Нетрпеливи сме да ги чуеме нивните причини. Сепак, кои и да се мотивите, едно нешто останува јасно, барем за нас: целата позадина на штрајкот со глад за укинување на закони содржи премногу политика, а нема место за нихилисти/анархисти во политиката, како што нема место за сојузништво меѓу нихилисти и политичари во анархијата. И ако тоа навистина беше политичка игра, секој кој зеде учество во неа нека си преземе одговорност за тоа. Како што другарите од ЗОЌ еднаш напишаа: „Да се сака одговорноста значи да се нема страв од тоа да бидеш изложен, да не се продадеш себеси за доброто на некаков „добар“ јавен имиџ. Затоа, сите идоли нека биде растргнати, а најпрво од сите, нашите.“

И кога веќе сме кај штрајкот со глад на DAK (Мрежа на борбени затвореници), да се придружиме на критиката на “Des Ruines” – критика која одамна требаше да се појави – за терминот политички затвореник, често присутен во зборовите на учесниците во штрајкот. Зборовите имаат значење. Зборовите можат да нè ослободат, како што можат и да нè поробат, и затоа мора паметно да ги бираме. Политички затвореник е термин фаворизиран од државата и од идеологијата на доминација, затоа што неговата употреба ги дели затворениците врз основа на природата на нивниот „криминал“, на тој начин наметнувајќи морална дистинкција помеѓу „политичките“ дела и делата кои се „вистински незаконски“. Намерно или не, таквата дистинкција може да резултира само во признавање на правосудниот систем и оправдување на затворот како репресивно средство, поради што употребата на овој термин мора да биде избришана од устите на анархистите.

***

Следно што ни создава недоумица е тоа зошто штрајкот со глад на Спирос Мандилас беше оставен на маргините? Зошто неговиот штрајк со глад не ја заслужи истата солидарност како и борбата на DAK? Јасно ни е дека приказната со солунските анархисти веројатно има подлабока позадина од онаа што ни е видлива нам, но во секој случај, некои работи не смеат да се кријат. Другарот тврдеше дека 39 анархисти се одговорни за неговото затворање. Тоа е очигледно чувствителна тема, тоа ни е јасно. Ама исто така е и сериозно обвинение, па тогаш како никој не кажа ниту еден збор на темата, макар да фрли малку светлина на целата приказна, ако не да заземе страна? И дури и ако ги ставиме неговите причини настрана, другарот штрајкуваше со глад барајќи итно ослободување цели 54 дена (!). Зошто молчеа оние кои го нарекуваа другар?

***

Ова се некои од прашањата и проблемите кои сметаме дека заслужуваат соочување и одговор, иако ова не е првпат да бидат поставени. Но од која и да е причина, се чини дека повеќето контраинфо портали и некои од другарите избегнуваат да одговараат на „проблематични“ прашања. Не гледаме зошто толку важни работи кои нè засегаат сите би биле обвиени во мрак. Ние сме другари по афинитет и очекуваме директна вистина, а не дипломатски молк. Се надеваме дека прашањата кои ги покренавме, без оглед на нивната чувствителна природа, конечно ќе наидат на некаков фидбек.

Нека нашата самокритика, флуидноста на мислата, биде едно од нашите оружја во спротивставувањето на постоечкото. Да се кажува вистината, да се соочуваме со сопствените акции и да преземаме одговорност за истите – сето тоа се средства со кои и пркосиме на доминантната матрица на размислување во еден свет на лажни претстави. Да ја скршиме таа лажност и да се соочиме со сопствените избори без да чувствуваме непријатност од тоа. Да се отвориме за дебата со цел да ја зајакнеме како нашата позиција, така и нашите врски со другарите по афинитет.

ЗА СВЕТ НА КОНТИНУИРАН НАПАД ПРОТИВ ПОСТОЕЧКОТО

Заговор на еднаквите, мај 2015