По повод штрајкот со глад на анархистичките и политичките затвореници – изјава на анархистичката група „Симфонија на хаосот“ [Грција]

symphony of chaos logo

Нужно надополнување на секоја борба е нејзината проценка откако ќе заврши. Акциите на нејзините субјекти, прашањата, недостатоците и проблематиките на кои се наишло, создадените односи и развиените перцепции би било добро да станат тема за размисли, со цел унапредување на нашите севкупни ставови против постоечкото, извлекувајќи корисни заклучоци и изведувајќи самокритика. Овој текст во никој случај не е севкупна оцена на таа борба. Немаме намера да ги анализираме специфичните настани, активности, гледишта и однесувања кои се одвиваа во рамки на движењето за солидарност, ниту генералните проблеми и патологијата на анархистичката средина. Покрај тоа, секоја расправа за специфичните борби и движења се однесува на нивните учесници и оние кои имаат намера да ја продолжат борбата под условите на тие движења. После толку долги и бројни активности и практична борба, можеме да го искажеме нашето мислење за широкиот спектар прашања како што се „посредните борби“, штрајкот со глад како средство на борба, односите меѓу затворените анархисти и оние во солидарност со нив, односот помеѓу анархистите и проектите со политички барања и уште многу друго. Оттука, користејќи ја можноста, ќе заземеме став за она што мислиме дека е најважно, настојувајќи да ги споделиме нашите интереси и заклучоци.

Штрајкот со глад како средство за борба

Штрајкот со глад е средство кое анархистичките, политичките и криминалните затвореници во Грција го користеле со децении, релативно често. Зачестеноста со себе повлекува автоматско изразување поддршка, солидарност и учество во соодветните движења, нешто што, меѓутоа, не оди во корист на анархистичката критика, не само во врска со поединичните случаи, туку и на самите средства.

Кога се одвива во услови на заробеништво, штрајкот со глад всушност е едно од најтешките средства за борба кои затвореникот на државата ги има на располагање. Но, штрајкувачот го признава непријателот како „партнер за преговори“ и поставува барања во еден процес на уценување на хуманитарната маска на државата, па оттаму средството како такво не ја поседува агресивната карактеристика на анархистичката борба. Пасивната природа на штрајкот со глад, втемелена на карактерот на барањата, е реалност на која ние гледаме критички, но секогаш во однос на посебните материјални услови на неповолното поле на затворот. Затоа не можеме да го споредиме со средствата за борба надвор од ѕидовите. Но сепак поседува една посебна карактеристика која секогаш мора да се земе предвид; тој по дефиниција е автодеструктивен во смисла на биолошка штета и обично доведува до трајни задравствени проблеми. Што не значи дека борбата поседува ризик кој мора да се избегне по секоја цена, врз основа на единствениот критериум за преживување. Но, значи внимателен избор на борби и нивно соодветно организирање, а секако не олеснување на истребувањето кое непријателот ни го приредува.

Во тој случај не е мудро за штрајкувачите со глад и оние кои се во солидарност со нив да го завијат субјектот во идеализам, ниту тој избор да се сфати како самоодрекување и анархистичкиот борец да се смета за личност која се жртвува за некоја повисока Причина, или пак опортунистички или од фрустрација да се занемари бирократијата на правосудниот-затворски систем, доведувајќи до слепа улица или „пораз“ од de facto поразената положба на затвореникот. Според нас, личните избори на анархистите би требало да се засноваат на нивната одлука да живеат во постојана и повеќеслојна војна со доминацијата. А таа одлука се носи затоа што нејзиниот субјект сфаќа дека вештачкиот „живот“, со посредствто на власта, стоката и спектаклот, во денешната општествена пустина е лажен и окован. Значи, се работи за одлука да се живее, а не за жртвување и смрт. Накратко, ние сметаме дека екстремните средства на борба не можат да се користат како одговор во секоја ситуација; невнимателно избрани и користени на неорганизиран и бескорисен начин, без анализа на општествено-политичкиот контекст и земање предвид на апсолутноста и историско-политичката тежина на средствата, како и заситувањето на кое се подложни со таквата употреба, на тој начин водат во неефикасност и во безначајност на физичката егзистенција на самиот штрајкувач со глад. Покрај тоа, штрајкот со глад, со постоечките и горе наведени проблеми, е личен избор, чии елементи не можеме секогаш да ги познаваме и затоа ги оставаме на темпераментот, анализите, реалните можности и шансите на затворените анархисти, кои го избрале и кои се одговорни за комуникација со солидарните другари во врска со прашањата на стратегија и развој на борбата.

Борбите во затворите

Но, независно од природата на средствата, треба да се каже дека штрајкот со глад, како и секое друго средство, само по себе не значи ништо. Оттаму, истовремено треба да ги согледаме условите во кои се одвива, а исто така, пред сѐ, ставовите и стратегиите на субјектите кои го користат. Неодамнешниот штрајк со глад ни ја нуди таа можност, бидејќи се работи за единствениот штрајк со глад на анархистички и политички затвореници, на кој се сеќаваме во Грција, кој постави широк и сеопфатен спектар на барања на одредена тема, во овој случај насочени против репресивниот и правен арсенал на државата. Оттаму, имајќи го тоа на ум, ќе се обидеме да направиме разлика помеѓу борбите кои во својата суштина се реформистички и се стремат кон измени на институционалните рамки, и оние кои целат на подобрување на затворските услови или пуштање од затвор.

Значи, во првиот случај имаме борба на затворениците чии субјекти поставуваат, дури и во општи поими, контекст на барања со цел укинување закони, членови и измени на законскиот контекст на некои оперативни активности на полицискиот и правосудниот систем. Имено, се работи за борба која во суштина е реформистичка, со сѐ што тоа значи од анархистичка перспектива. Начинот на кој се промовираше се темели на логиката на спротивставување на револуционерното движење и тоа е видливо не само до барањата туку и од бројните нешта поврзани за политичкиот менталитет на борбата, како тактичкиот избор на сегашното време кога СИРИЗА е на власт. Може да се каже (а некои комунистички штрајкувачки беа имплицитно јасни) дека контекстот на барања на штрајкот има форма на „движење за закони“, кој „на улиците“ беше промовиран од „опозициското движење“. Поточно, во неговата природа лежи уште една разлика со претходните штрајкови со глад. Контекстот на барања не се однесуваше само на затворениците, туку (можеби дури и повеќе) на целото тоа движење, што значи дека овојпат, теоретски, немаше раздвојување помеѓу затворениците и оние во солидарност со нив, туку беше присутна заедничка борба во која секоја страна учествуваше подеднакво, секоја со средствата кои ги имаше на располагање. Тоа исто така е видливо и од искажаните намери на поголемиот број организирани иницијативи за солидарност да го поврзат штрајкот со глад со нивниот поширок револуционерен опозициски проект, како и со создавањето на едно револуционерно опозициско движење. А тоа е разбирливо само за оние кои анархистичката борба ја сфаќаат како политичка борба.

Би можело многу да се каже за темата дали горе наведената „теорема на движењето“ функционираше, како и за стратегијата и тактиките кои учесниците ги користеа во таа нивна авантура. Но, сега, гледајќи на битката од оваа критичка перспектива, нема да се занимаваме со тие прашања. Велиме „сега“, затоа што самокритички признаваме дека нашиот став во оваа борба исто така беше на погрешната страна, како што е недоследно за анархисти кои не живеат во услови на заробеништво да поставуваат барања и преговори со државата. Наместо поддршка, во смисла на солидарност, со затворениците со кои споделуваме афинитет, останувајќи критични кон политичката, реформистичка содржина на борбата, ние се вклучивме, поддржувајќи дел од контекстот на барањата и од таа причина, и на тој начин, станавме потписници на некои од барањата.

Пред да изнесеме еден сеопфатен став, дозволете ни да го согледаме другиот дел од разликата која претходно ја наведовме. Во спротивност со горниот услов, постои богато искуство на борби на анархистичките затвореници (со штрајк со глад и без) кои барале или подобрување на затворските услови или дури и ослободување од затвор. Такви примери се борбите за укинување на дисциплинските казни, борбите против влошување на затворските услови итн. Таквите случаи остануваат во контекст на барањата кои понекогаш се ограничени со тактичката цел, меѓутоа се одвиваат во една средина во која само такви контексти можат да бидат поставени, а истовремено го изразуваат борбениот менталитет и одбивањето на отуѓувањето кои затворската средина ги наметнува. Овде учеството на анархистите надвор од затворот нужно е одвоено и се движи исклучиво низ полето на солидарност со субјектот на борбата, и со оглед дека барањето е од лична природа и се однесува на затворските услови, тоа има секундарна улога како критериум за поддршка. Се разбира, тоа не значи дека општата рамка внатре која се одвива нечија мобилизација е неважна. Во секој случај, постојат бројни фактори кои би требало да се анализираат, но и покрај тоа, општата идеја останува иста.

А сега сакаме да се осврнеме на една за нас важна проблематика, која се истакна уште повеќе од претходно за време на масовниот штрајк со глад од летото 2014 год. против нацрт законот за затворите од Ц тип. Субјект на битката беше нејасната маса „обединета“ врз основа на затворскиот идентитет. Според нашето поимање на борбата, како внатре така и надвор затворот, секое вложување во некоја маса од луѓе, кои не само што немаат врска со анархијата туку и во големо мнозинство претставуваат составен дел од општественото мочуриште, е целосно спротивно на егзистенцијалното поле и осудено на неуспех, кога зборуваме во рамки на тактика. Особено во случај на борби внатре затворот, каде што степенот на интеграција на тие субјекти е многу повисок, погоре наведената теза е de facto зацврстена. Не признаваме колективни субјекти на борба, особено кога се изградени на заробеништвото како единствен критериум. Патем, да не го заборавиме и крајот на наведениот штрајк со глад, кој се сруши како кула од карти после само осум дена, потврдувајќи дека кога анархистичкиот затвореник ќе се вклучи во борба во која останатите субјекти не учествуваат за да се борат против затворот, туку по наредби на вертикално организирани мафии или расни структури, што по природа со себе повлекува ескалација на натпреварот помеѓу организираните групи, правејќи ги недоверливи и неспособни искрено да ја спроведат таквата мобилизација, тогаш и заради тоа, единствениот резултат е самопонижување на неговата борба.

Кога сѐ ќе сумираме, можеме да кажеме дека нашиот став за анархистичката борба не може да одржува чекор со движењата, борбите и поимите за реформа на постоечкото. Особено кога се работи за монструозноста на затворот и активностите на тој дел од општествената индустрија на институции кои ја претставуваат првата линија на угнетување против нас, односно секој вид на цајкани и судии. Ние борбите не ги сфаќаме во рамки на поимот политика, туку во рамки на поимот војна, а дури и кога за време на нејзиното траење се нужни парцијални стратегии и тактики, таа не може да биде деградирана на ниво на радикална опозиција, која на некое имагинарно ниво постепено ќе ја реформира општествената фабрика, сѐ дури таа не биде администрирана од истата, следејќи некој поинаков модел на доминација. Што се однесува до моментите на борба внатре затворот, на нив им пристапуваме од точка на солидарност со субјектите со кои сме во афинитет, од една страна сфаќајќи ги ограничените борби помеѓу ѕидовите и специфичноста на тие услови, а од друга страна важноста на поддршката на нашите другари кои во еден момент од војната се нашле заробени во занданите на демократскиот режим. Меѓутоа, остануваме јасно критични кон индивидуалните барања и контексти, во случаите како што е неодамнешниот штрајк со глад во кои тие попримаат реформистички карактер.

„Посредните борби“

Исходот на нашите досегашни анализи е фаќање во костец со непријатното прашање на таканаречените посредни борби и начини на кои анархистите се вклучени во нив, од што и произлегува следнава загриженост: ако значењето на непрекинатото анархистичко востание е постојана војна против доминацијата, како истото се поврзува со разните извори на општествени и политички борби кои одвреме-навреме избиваат? Земајќи предвид дека секоја таква борба е парцијална, треба ли да останеме само набљудувачи, затворени во кристалниот дворец на идеолошката чистота?

Одговорите кои на тие прашања ги даваат секој поединец или група очигледно се нивни сопствени и не се темелат на никаква фатална догма или единствен рецепт. Оттаму, ќе го изразиме и нашиот став. Окарактеризувањето на таквите мобилизации како „посредни борби“им дава одредена специфичност; ги дефинира како делови од еден стратешки мозаик, што е резултат на логиката која ги сфаќа како чекори кон уништување на Државата и Капиталот, кон Револуција итн. За нас не е прашање дали една мобилизација ја носи или не истакнатата цел на „конечна победа“ против еден столб на доминацијата, бидејќи такво нешто би било нереално. Она што е важно е дали нејзина цел е да постави барања на доминацијата заради подобрување на некој од нејзините изрази или не. Да наведеме еден соодветен пример, во една мобилизација против изградбата на аеродром или брз воз, некој може да создаде контекст преку кој ќе бара од одредени државни институции да го поништат проектот. Но, може да цели и на саботажа на изградбата преку полиморфно анархистичко делување, без да има каква било врска со институциите и без неговите дела сами по себе да бидат ограничени, туку парцијалната борба, во овој случај на антицивилизациска критика, да се интегрира во сеопштата анархистичка броба до целосно уништување на постоечкото.

При обидот за подлабока анализа, забележуваме дека мобилизациите кои ние ги опишуваме варираат како во содржината така и во условите во кои се одвиваат, но и во посебните цели. Темелната анализа на секој поединечен случај, примарно ни дозволува да ги забележиме неговите карактеристики, па оттаму и да сфатиме дали постојат можности за учество или интервенции. Да бидеме поконкретни, во мобилизацијата каде што специфичните цели не одржуваат чекор со нашите ставови за борбата, имаме можност да интервенираме независно и со нашите сопствени карактеристики, целејќи кон ширење на анархистичката теорија и анархистичката востаничка практика, без оглед на постоечката содржина или дури и против неа. Во мобилизациите каде што делумната цел е шанса за олицетворување на нашата теорија, практика и севкупните императиви, поседуваме способност за учество, секогаш автономно и со нашите карактеристики, стремејќи кон остварување на целта од анархистичка, востаничка перспектива. Важно е овде да се напомене дека во таквите случаи не смееме да западнеме во специфичната цел до ниво кога таа станува цел сама за себе или делумна активност, одвоена од холистичката природа на анархистичката борба. На крај, ако во мобилизацијата нема простор ниту за интервенција ниту за учество, тогаш немаме причина да се оптоваруваме со тоа.

За нас тие процедури не се чекори на патот кон Револуција, туку попрво снимки на постојаната востаничка војна, преку која стекнуваме искуства, другари, ги развиваме нашите анализи сѐ подлабоко и подлабоко, и ја црпиме радоста на востанието преку самореализацијата. Од тој аспект, таканаречените посредни борби не се дел од револуционерниот стратешки мозаик, ниту поле на кое учествуваме со цел пренасочување на масовните борби во политички и практични радикални облици, туку шанси уште еднаш да се бориме на политичко и практично ниво против доминацијата. Далеку од поимите како што се помирување, реформизам и преговори, клучно е да се зачуваат нашите обележја со цел да избегнеме да нѐ асимилира шареноликата маса на протестанти. Непрекинатото анархистичко востание треба да најде премини за интервенирање и збогатување во оние борби кои овозможуваат контексти на негово полиморфно развивање, интензивирање и еволуирање.

Анархистичка група „Симфонија на хаосот“

извор